Претседателот Стево Пендаровски денеска прими ученици од ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ од Скопје и студенти од Меѓународниот Универзитет – Визион од Гостивар, коишто беа денешни посетители во рамки на активноста Отворен Кабинет.
Учениците – првоодделенци, за време на престојот во Кабинетот разговараа со претседателот Пендаровски за неговата работа и секојдневните активности.
Студентите по турска настава од земјава, од Република Туркије, Република Косово и од Република Казахстан имаа можност да поразговараат со претседателот за неговите уставни надлежности, за начинот на функционирање на Кабинетот, а ги споделија и нивните гледишта, образовни интереси и идните планови за личен и професионален развој.
Посетителите имаа можност да ги разгледаат просториите во коишто се реализираат официјалните и работните средби, како и салите во коишто се одржуваат состаноци, свечености, настани и прес-конференции. Во Мозаик салата го разгледаа импозантниот диптих „Македонија – светла земја“ и „Македонија земјата памети“ – дело на еден од најзначајните современи македонски уметници, академик Глигор Чемерски.
Отворен Кабинет овозможува директни средби на граѓаните со претседателот Стево Пендаровски. Досега Кабинетот го посетиле граѓани од различни возрасти и занимања, студенти од земјава и од странство, како и ученици од основни и средни училишта од земјава.





