Претседателот Стево Пендаровски денеска присуствуваше и се обрати на церемонијата на откривање на бистата на Мајка Тереза, настан организиран во косовската амбасада во Скопје, а на кој присуствуваа и Вјоса Османи Садриу, претседателката на Република Косово и Бајрам Бегај, претседател на Република Албанија.
Во продолжение е интегралниот текст на обраќањето на претседателот Пендаровски.
Почитувана Вјоса Османи, претседателка на Република Косово,
Почитуван пријателе Бегај, претседател на Република Албанија,
Почитуван спикер на Парламентот,
Почитувани министри, дипломатски кор, драги пријатели,
Имам особена чест да сум дел од церемонијата на откривање на бистата на Мајка Тереза, светски позната хуманитарка, добитничка на Нобелова награда за мир, без дилеми, една од најзначајните личности на 20-от век. Иако целиот свет ја знаеше како Мајка Тереза, за нас, нејзините сограѓани таа беше и остана скопјанката Гонџа Бојаџиу.
Токму во нејзиниот роден град каде што ги помина првите 18 години од својот живот и којшто четири пати подоцна го посети дарувајќи љубов и ширејќи милосрдие, имаме можност да откриеме уште една нејзина биста. И овде, во просторот на косовската амбасада, ликот на Мајка Тереза ќе не потсетува на нејзината морална чистота, грижа за беспомошните, болните и сиромашните. Ќе не потсетува на една маркантна фигура која треба да ни биде инспирација да подаруваме, да се грижиме еден за друг како најблиски соседи и искрени пријатели.
Мултиетничката, мултикултурна и мултирелигиозна македонска средина во која порасна Гонџа Агнес Бојаџиу се уште е пример за соживот и взаемна почит меѓу луѓето. Од секогаш сме биле дел од еден ист, заеднички простор и ќе продолжиме да бидеме дел од него. Затоа треба да ги надминеме поделбите, омразите од минатото, да си простиме за старите гревови и да продолжиме понатаму. На Балканот, имаме видено доволно беда, сиромаштија, војни, омраза, гнев, меѓутоа, во име на подобрата сегашност и иднина ни треба соработка и разбирање, не како форма, туку суштински.
Драги пријатели,
За својата хуманитарна дејност, посветеност и пожртвуваност, Мајка Тереза има добиено стотици награди, со што е веројатно една од најнаградуваните личности во историјата на човековата цивилизација. Сепак, и покрај тоа, таа беше скромна и понизна, свесна за минливоста на човечкиот живот и нашите лимитирани капацитети како индивидуи.
Дозволете ми, на крајот од моево обраќање, да споделам една мисла која за мајка Тереза ја изрече папата Јован Павле Втори, за време на чинот на нејзина беатификација пред 20 години, која е парадигматска во контекст на нејзината животна филозофија. Во таа прилика, Светиот Отец рече дека таа била олицетворение на библискиот стих “Кој меѓу вас сака да биде прв, мора да ви биде слуга”.
Или, на нејзиниот мајчин, албански јазик: “kushdo nga ju që do të dojë të jetë i madh, le të jetë shërbëtori juaj”.
Faleminderit!
Ви благодарам!





